
Биографија
Photo : © Sandra Larochelle
Алина Апостолска - Биографија
Алина Апостолска е родена на 2 мај 1961 година. Нејзиниот родослов, и од мајчина и таткова страна, е длабоко вкоренет во историјата на Македонија, така што тој се протега и разгранува во времетраење од неколку векови.
Од таткова страна, родословот на Мантеви- Апостолови, на кој припаѓа Алина, чинел една знаменита фамилија, која ја одбележала историјата на градот Неготино, тргнувајќи уште од крајот на XVIII век. Тие биле успешни трговци кои се занимавале со трговија на масло, зеленчук, кожи и пред сѐ, на тутун. Така, нејзиниот предок, Арсо Мaнтeв, е заслужен, во средината на XIX век, за издигнувањето на високо ниво на бизнисот на Мантеви, така што тој управувал со голем чифлиг, на кој работеле сите жители на Неготино, и околината. Бизнисот на Арсо, бил толку успешен, што тој ги пласирал своите производи дури до Константинол и успеал воедно да биде посветен христијанин, кој дури и отишол на аџилак во Ерусалим, иако Македонија во тоа време била под Османлиска власт. Неговиот внук, Никола Апостолов, таткото на таткото на Алина, е првиот којшто го напуштил чифликот за да работи како инженер-агроном, специјалист за тутун, и кој својата експертиза ја нудел дури до Босна, но, кој подоцна се враќа во Македонија за таму да создаде свое потомство.
За време на Втората светска војна, пак, нејзиниот храбар дедо, Тодор Апостолски, бил политички ангажиран партизан кој по војната станал директор на „Тутунскиот комбинат“ во Прилеп, а потоа и на комбинатот во Неготино, во текот на неколку децении. Во таа насока, по војната, иако имотот на Апостолови-Апостолски бил национализиран од страна на комунистичката власт, сепак дел од фамилијата продолжила да управува со фирмата која го експлоатарала фамилијарниот имот, но сега како државен имот, со тоа што ја формирала познатата винарија „Повардарие“.
Чичковците на Алина, постарите браќа на нејзиниот татко, исто така оставиле свој белег. Најстариот од децата, Владимир Апостолски, беше брилијантен новинар и колумнист, кој првично се прочул по своите написи во весникот „Нова Македонија“, но, воедно бил и основач и главен уредник на весникот „Вечер“. Помладиот брат на татко ѝ, Живко Апостолски, се истакнал како франкофонски дипломат во рамките на Југославија, и последователно ја претставувал таа држава во бројни земји во Африка (Гвинеја, Мароко), потоа во Европа (Швајцарија, Франција), а ја завршил својата кариера како амбасадор во Атина. Познатото семејство Темкови, исто така, е дел од истата таа фамилија, вклучувајќи ја тука и познатата сликарка Ана Темкова, нејзиниот брат, виолинистот Филип Темков, како и братот, Ахил Темков, новинар, исто како и неговите потомци. Воедно, вреди да се спомене, но сега од мајчина страна, Николина Дончева-Петларова, која била соосновач на познатата играорна група „Танец“, и која, од своја страна, како свои пријатели ги имала сите легендарни пејачи на македонска народна музика: Васка Илиева, Александар Сариевски, Есма Реџепова и многу други.
Таткото на Алина, Георги Апостолски, најмалото дете од браќата и сестрите, го изоде својот животен пат, на поинаков начин, со тоа што одбра, од својата дваесетгодиншна возраст, заедно со својата сопруга, да замине и да живее во Париз (Франција), каде што тие двајцата ја градеа својата кариера и таму родија свои франкомакедонски потомци, од кои Алина Апостолска е најстарото дете. Веднаш по раѓањето на Алина, нејзините родители и дефинитивно одлучуваат да се населат во Франција. Алина нив ќе им се придружи, од своја страна, три години подоцна, и ќе се враќа во Македонија единствено за време на празниците. Но, сепак, таа успева да го задржи користењето на македонскиот јазик со цел да може да зборува со членовите на својата фамилија и драгите пријатели, кои останаа во Македонија.
Алина Апостолска сѐ уште се смета себеси за македонско девојче, и смета дека Македонија живее во неа и ги води нејзините чекори, но и нејзиниот поглед на свет, каде и да оди. Полиглот и патник, таа зборува пет јазика, иако пишува само на француски. Магистер по историски науки, со диплома од Универзитетот „Париз VII“ таа е писател, новинар, уредник и професор по креативно пишување. Од Париз емигрира во Монтреал (Канада), каде што таа живее од 1998 година, заедно со своите два сина, Рафаел и Луј, чиј татко е Французин. Нејзините браќа и сестра сѐ уште живеат во Париз, иако нејзините родителите беа разведени долго време. Нејзиниот татко почина во 2018 година и е погребан на гробиштата „Бутел“ во Скопје. Мајка ѝ сѐ уште живее на островот Хвар во Хрватска.
Алина Апостолска има објавено 45 книги, од 1986 година до ден денешен, меѓу кои и романи и раскази за возрасни и млади, а таа воедно е и добитник на повеќе меѓународни награди. Но, една од нејзините најголеми гордости се состои во тоа што неколку нејзини книги се преведени на македонски, како што се романите: „Големите авантуристи“ (2004 год., во издание на „Ѓурѓа“), „Турмант“ (2005 год., во издание на „Ѓурѓа“) и „Едно лето од љубов и пепел“ (2015 год., во издание на „Или-Или“ ) „Нема враќање од егзил“, изјави Алина во една прилика, „но, литературата направи чудо и ме однесе дома“. Нејзиниот следен роман, Цут на цреша, наскоро ќе биде објавен од страна на издавачката куќа „Или-Или“.
- Големите авантуристки (Ѓурѓа, 2004). Превод: Гзиме Старова
- Турмант (Ѓурѓа, 2005). Превод: Катица Ќулавкова
- Едно лето од љубов и пепел (Или-Или, 2015). Превод: Филип Илиев
- Цут на цреша (Или-Или, 2021). Превод: Филип Илиев